Благоја Чоревски: 90% од нашата администрација е неука

Голем интерес од публиката за синоќешната изведба на претставата „ Среќен мртовец“ , во „ Неделата на претстави од независната продукција“ во Драмски театар. А, како и не би бил голем интересот , кога во претставата на Алтернативниот театар „ Отпишани“, работена по текст на Марјан Анѓеловски, главната улога му е доверена на доајенот на македонското глумиште, Благоја Чоревски. Тој го толкува ликот на Живко Младеновски, кој се обидува да се справи со апсурдната стварност, обидувајќи се да докаже дека е жив, откако системот по грешка го прогласил за мртов.

Тоа е прашање на администрацијата, која што кај нас е… Постојано велат партизирана е. Неука е нашата администрација. 90% се неуки и тоа е страшно. Не можам да си замислам дека кај нас во 21 век уште се случува луѓе кои што бараат тоа што им следува , да го добиваат погрешно, кажа Благоја Чоревски, актер.

Од комедија до трагедија. Ова е жанровскиот распон во претставата-коментар на стварноста , на која публиката не престанува да се смее до самиот крај. Покрај Чоревски, во улогите на членовите на семејството на Живко и администрацијата, настапуваат Ирена Илиевска, Марија Лазарова, Ивана Стемевска, Огнен Велевски и Јасмин Рамани. Чоревски на 77- годишна возраст  вели дека се чувствува млад и дека соработката со младите колеги била прекрасна.

Ги учев да бидат искрени , каков што сум јас во улогите.Не како да ги одглумат, туку што кажуваат. Тоа е најбитното во нашата професија. И секогаш да се расположени за претставата, односно за ликот кој што ќе го играат, вели Чоревски.

По претставата која низ колективна режија го тематизира судирот на поединецот со општеството, следниот проект ќе биде со режисерката Драгана  Милошевска. Во стилот на театарот на кој му припаѓа, Чоревски вели дека продолжуваат да работат алтернативно и отпишано.
Сотир Трајков
The post Благоја Чоревски: 90% од нашата администрација е неука appeared first on telma.com.mk.