Неделава јавноста ја потресе трагична вест за уште еден згаснат детски живот на Клиниката за детски болести. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со голема загриженост ги следи информациите за случајот со смртта на 9-годишното дете на скопската детска Клиника, истакна Белкиса Зеќири – членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Она што засега е познато, се информациите во јавноста дека детето од болницата од Штип е донесено на скопската Клиника за детски болести во многу тешка состојба, каде што обидите за реанимација, за жал, биле безуспешни. СДСМ апелира надлежните институции при најавениот инспекциски надзор да спроведат длабока и транспаретна анализа на третманот на лекување на детето во текот на целиот процес, и кај матичниот доктор и во штипската болница и во скоспката Клиника за детски болести. Родителите, јавноста заслужуваат информации – што точно е причината за смртта на 9-годишното дете, дали има пропусти и каде се пропустите, одговорност мора да има“, вели таа.
Повика надлежните институции час поскоро да истражат и транспарентно да ги соопштат причините за смртта за двете починати бебиња, близначиња во Прилеп.
„Изминатиов период за жал скоро секој месец сме сведоци на вести за починати деца на Клиниката за детски болести. Состојбата е повеќе од алармантна. Овие трагедии отвораат низа прашања не само за Клиниката за детски болести туку и за целокупниот здравствен систем, за кои јавноста заслужува итни и јасни одговори.Како се случуваат ваквите пропусти? Каде затајува системот? Дали се прават обиди за прикривање лекарски грешки“, праша Зеќири.
Казните за Клиниката за детски болести, како што оцени се задоцнети и несоодветни.
„Одговорност со оставки мора да поднесат министерот за здравство, Арбен Таравари, заедно со директорот на Клиниката за детски болести, Мемеди. СДСМ инсистира на темелна истрага, длабоки анализи и превентивни мерки. Оваа состојба мора да се превенира, мора да се најде изворот на овие трагедии, не можеме да чекаме да умираат деца за потоа да реагираме“, потенцира Зеќири.
Текстот (Видео) Зеќири: Бројот на починати деца на Клиника е алармантен, СДСМ бара оставки од Таравари и Мемеди е превземен од МАКФАКС.