„Енергетската мрежа се проширува“: Божиновска и амбасадорот Касијев го интензивираат енергетското партнерството меѓу Македонија и Азербејџан

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со амбасадорот на Република Азербејџан за Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Н.Е. г. Камил Касијев. На средбата беше разговарано за унапредување на соработката меѓу двете земји, со акцент на енергетиката како клучна област од заеднички интерес.
На средбата се разговараше за тековните активности на Македонија за зголемување на енергетската независност. Министерката Божиновска истакна дека земјата активно работи на создавање нови услови за снабдување со природен гас по конкурентни цени и е подготвена да ги истражи можностите за продлабочување на енергетската соработка со Азербејџан, кој се смета за значаен партнер во регионот.

Амбасадорот на Азербејџан ја потенцираше подготвеноста на неговата земја за продлабочување на соработката со Македонија, нагласувајќи дека државниот врв, вклучувајќи го министерот за енергетика и претседателот на Азербејџан, активно поддржуваат иницијативи во енергетскиот сектор.
Во текот на разговорите, беше изразена подготвеност за олеснување на директни контакти и средби на највисоко ниво, со цел реализација на проекти од заемен интерес. Дополнително, беше нагласено дека оваа година во Азербејџан ќе се одржат неколку значајни средби и форуми од областа на енергетиката, при што овие настани ќе претставуваат можност за зацврстување на соработката.
Средбата се надоврзува на неодамнешните активности за зајакнување на билатералната соработка. Во ноември минатата година, на Самитот за климатски промени КОП29 во Баку, министерката Божиновска и претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварија средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кој ја изрази подготвеноста на неговата земја за соработка на инфраструктурни проекти, особено во делот на гасификацијата на Македонија.

Дополнително, во истиот период, ЕСМ и СОКАР, државна компанија од Република Азербејџан, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се отвораат можности за подобрување на достапноста на природен гас и обезбедување стабилно снабдување по конкурентни цени.
Азербејџан игра значајна улога во енергетскиот сектор на регионот, со снабдување на природен гас преку различни интерконектори. Бугарија добива гас од Азербејџан преку интерконекторот со Грција, што значително ја менува енергетската карта на Европа. Србија, исто така, потпиша договори за снабдување со азербејџански гас, со планови за испорака на 400 милиони кубни метри гас годишно до 2026 година.
Министерството за енергетика останува посветено на градење партнерства со цел да обезбеди стабилност и одржливост во енергетскиот сектор, како во земјата, така и во регионот.
Текстот „Енергетската мрежа се проширува“: Божиновска и амбасадорот Касијев го интензивираат енергетското партнерството меѓу Македонија и Азербејџан е превземен од МАКФАКС.