Интерпелацијата на Даути е прва успешна во историјата на Собранието, велат од Левица

И додека од Левица се задоволни со оставката на Даути, од Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е дел од „Европскиот фронт“, велат дека за кратко време ќе излезат со став како ќе дејствуваат во врска со испразнетото претседателско место во Комисијата за социјална политика, демографија и млади, кое според распоредот во Собранието им припаѓа ним

По поднесената и констатирана оставка на пратеничката Илире Даути од функцијата претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, од пратеничката група на Левица оценија дека е успешна интерпелацијата што тие ја поднесоа за Даути, а Собранието во петокот ја поддржа со апсолутно мнозинство.

Од прес-конференцијата на пратеникот на Левица, Сашко Јанчев / Фото: Принтскрин

Пратеничката Илире Даути денеска претпладне поднесе неотповиклива оставка на функцијата во Комисијата, која на нејзино инсистирање беше констатирана од страна на претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешната 30. пленарна седница.

На констатирањето на оставката ѝ претходеа расправија и тензии меѓу Даути и собранискиот спикер.

Илире Даути си поднесе оставка од претседателка на собраниската комисија, а Гаши ја констатираше на нејзино инсистирање

Ставот на Левица во врска интерпелацијата и констатираната оставка на Даути го соопшти нивниот пратеник Сашко Јанчев, кој на прес-конференција во Собранието посочи дека станува збор за прва успешна интерпелација во историјата на законодавниот дом.

Од Левица го поздравија и ѝ честитаа на Даути за потегот со кој, како што рече Јанчев, таа покажала интегритет.

„Самата интерпелација значеше дека се обезбедени гласови за нејзино разрешување од страна на пленумот, но ние намерно не покренавме веднаш постапка преку Комисијата за избори и именување за нејзино разрешување, туку оставивме неколку дена сама да се повлече и да си даде оставка, што на крај се случи. Ова е прва ваква успешна интерпелација од ваков тип во историјата на Собранието на Република Македонија. Левица и понатаму останува на браникот на државните интереси, уставноста и законитоста“, рече пратеникот на Левица.

Прашан што доколку опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ, повторно ја предложи Даути за претседател на Комисијата, Јанчев рече оти не гледа логика во евентуален таков потег, откако таа веќе си поднесе оставка.

„Јас мислам дека таа денес покажа интегритет и дека на такво нешто нема да се нафати“, рече тој.

Пратеникот на Левица, дополнително посочи дека сè уште чекаат да им биде доставен заклучокот од Гаши за изгласаната интерпелација на Даути, додавајќи дека откочувањето на работата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади е во негови раце.

„Тој има деловничко право да свика седница по овој закон (за бранители) и да назначи некој само по таа точка што ќе ја истера комисијата до крај, ќе ја откочи процедурата за Законот за бранителите“,рече пратеникот на Левица.

Јанчев потсети дека интерпелацијата за Даути била поднесоа по три основи.

„Прво, затоа што поранешната претседателка на Комисијата, кога беше задолжена од претседателот на Собранието, не го стави Законот за бранители на дневен ред на Комисијата за социјална политика. Втората основа е тоа што спротивно на Деловникот поранешната претседателка не свика седница на Комисијата за Законот за бранители, кога тоа од неа го бараа една третина од членовите на Комисијата. Третиот основ е поради тоа што таа спротивно на Деловникот не им дозволуваше на членовите на Комисијата да го надополнат дневниот ред со Законот за бранители“, наведе пратеникот.

Со 61 глас „за“ Собранието ја изгласа интерпелацијата за Илире Даути што ја поднесе Левица

И додека од Левица се задоволни со оставката на Даути, од Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е дел од „Европскиот фронт“, велат дека за кратко време ќе излезат со став како ќе дејствуваат во врска со испразнетото претседателско место во Комисија за социјална политика, демографија и млади, кое според распоредот во Собранието им припаѓа ним.

Пратеникот на Алијанса, Елми Азири, рече дека јавноста денеска била сведок на еден непотребен театар во Собранието во, како што кажа, режија на претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.

Пратеникот од коалицијата „Европски фронт“, Елми Азири / Фото: МИА

„Имаше тенденција да ѝ се оневозможи на госпоѓата Илире Даути да ја образложи својата оставка од функцијата претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, чија оставка е поднесена денеска во писмена форма во раните утрински часови во Собранието на Северна Македонија. Деловникот е јасен. Во моментот кога се отвора седница, претседателот на Собранието е должен поднесената писмена оставка да ја стави како прва точка на дневен ред за да му се даде можност на подносителот на оставката да ја образложи“, рече Азири.

По тензиите и расправијата меѓу Даути и Гаши, претседателот на Собранието по паузата ѝ дозволи на пратеничката да ја образложи оставката, по што констатираше дека таа веќе не е претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
The post Интерпелацијата на Даути е прва успешна во историјата на Собранието, велат од Левица appeared first on 360 степени.