Според првичните информации, за нападот е осомничен 18-годишен ученик
Најмалку две лица се убиени во училиште на северот на Словачка, откако ученик со нож нападнал наставник и двајца соученици, соопштија денеска полицијата и службата за итна помош на земјата, пренесуваат светските агенции.
Возило на словачката полиција (Илустративна фотографија) / Фото: EPA-EFE/JAKUB GAVLAK
Нападот се случил во средно училиште во местото Спишка Стара Вес, каде според изјавата на портпаролката на словачката служба за итни случаи, Данка Чапакова, веднаш биле испратени неколку тимови за интервенција.
„Најмалку две лица загинаа, а едно е повредено“, рекла таа, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според првичните информации, како што пренесува Би-би-си, за нападот е осомничен 18-годишен ученик.
„Осомничениот за кратко време е приведен и во моментов веќе не претставува директна закана“,се вели во соопштението на словачката полиција.
На местото на настанот биле испратени неколку екипи на итната медицинска помош, пренесува ТА3, додавајќи дека сè уште не е познат бројот на повредени.
Засега нема информации ниту за мотивите за нападот.
„Благодарение на брзото приведување на осомничениот, засега нема непосредна опасност и полицијата презема дополнителни неопходни мерки за да се осигури безбедноста“, велат од словачкото Министерство за внатрешни работи.
Министерот за внатрешни работи на Словачка, Томаш Дракер, заедно со министерот за образование Матуш Шутај Ешток и шефот на полициските сили, Рубомир Солак, веднаш се упатиле кон местото на настанот.
„Го осудувам нападот на ученик кој избоде наставник и негови соученици во гимназијата. Веднаш заминувам на местото на трагедијата во Спишка Стара Вес. Изразувам сочувство до семејствата на жртвите и на повредените им посакувам брзо закрепнување“, се додава во соопштението на словачкото МВР на Фејсбук.
The post Најмалку две лица се убиени во напад со нож во училиште во Словачка appeared first on 360 степени.