Обвинение за членови на криминална група за посредување во вршење проституција и илегална трговија со дрога – меѓу нив и полициски службеници

Поднесено е обвинение против 10 физички лица и едно правно, како дел од организирана криминална група која посредувала при вршење на проституција и илегална трговија со дрога.
Како што соопштија од Јавното обвинителство, седуммина обвинети како членови на злосторничко здружение сториле кривично дело посредување во вршење проституција, од кои четворица се обвинети и за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело за што се обвинува и правното лице. Останатите двајца припадници на групата се обвинети за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, додека на полицискиот службеник, освен злосторничко здружување, му се става на товар и кривичното дело оддавање службена тајна.
Организираната група, како што информира Обвинителството, ја создал првоосомничениот, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата која во временскиот период од 2020 година до октомври 2024 година се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а дел од обвинетите ги прикривале нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела. Членови на криминалната група биле и две службени лица – затворски полицаец и полициски службеник.
Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот – возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела.
„Имајќи ги предвид околностите, поврзаноста на обвинетите и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител цени дека во моментот мерката притвор е единствена со која во моментот може да се обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на постапката истата, па му предложи на судот истата да биде продолжена за секој од нив“, соопштија од Јавното обвинителство.
The post Обвинение за членови на криминална група за посредување во вршење проституција и илегална трговија со дрога – меѓу нив и полициски службеници appeared first on telma.com.mk.