Сталоне, Гибсон и Војтс назначени за амбасaдори на Трамп во Холивуд

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп ги назначи актерите Силвестер Сталоне, Мел Гибсон и Џон Војт за специјални амбасадори во Холивуд, а со цел да ја направеле филмската индустрија „посилна од кога било досега“.

Тројцата актери, добитници на 10 номинации за „Оскар“ и три „Оскари“, се издвоија во Холивуд со поддршката на републиканецот Трамп, за разлика од многумина нивни колеги кои традиционално ја подржуваат Демократската партија.

-Голема чест ми е да објавам дека Џон Војт, Мел Гибсон и Силвестер Сталоне ќе бидат специјални амбасадори во големиот, но многу проблематичен Холивуд, во Калифорнија, напиша Трамп синоќа на својата социјална мрежа „Truth Social“.

-Тие ќе бидат мои специјални претставници да го вратат Холивуд, да биде голем, подобар и посилен од кога било, а кој во последните четири години загуби многу бизниси поради странска конкуренција.

Републиканците традиционално не се популарни меѓу претставниците на шоу бизнисот во САД, и многу ѕвезди како Тејлор Свифт и Џорџ Клуни, на претседателските избори во 2024 година ја поддржаа Камала Харис, кандидатка од Демократската партија.

Сепак, премостувајќи ги традиционалните холивудски кругови, кампањата на Трамп успешно се зближи со популарната публика на инфлуенсерите на Јутјуб и ја зајакна својата поддршка.  (МИА)