Украински претставник во ОН: Украина сака мир, но не по секоја цена

Постојаниот претставник на Украина во ОН, Серхиј Кишлица денеска изјави дека земјата е посветена на завршување на војната со Русија и воспоставување праведен мир, но дека нема да го прифати концептот „мир по секоја цена“.
„Украина, повеќе од кој било друг, сака мир, но ние нема да прифатиме мир по секоја цена, бидејќи тоа нема да донесе вистински и траен мир“, изјави украински дипломат за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН, додавајќи дека таквиот пристап само би ја охрабрил Русија да продолжи со „кршење на меѓународното право“, а не само во Украина, пренесе украинската агенција РБЦ. Кишлица потсети дека руските геополитички амбиции ги надминуваат границите на Украина.
Тој нагласи дека, ако целта е да се живее во безбеден свет, меѓународната заедница мора да вложи максимални напори за да се спротивстави на „руските империјалистички политики“.
Според него, дипломатскиот пат до тој мир води преку имплементација на „Формулата за мир“, иницирана од украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Ние сме, исто така, подготвени да ги разгледаме мировните идеи на другите нации, кои ја земаат предвид потребата за обновување на територијалниот интегритет на Украина и се засноваат на принципот „ништо за Украина без Украина“, посочи тој.
Советот за безбедност на ОН вчера одржа состанок на барање на Словенија и САД, кои претходно ја консултираа украинската делегација, пренесува Танјуг.
Претходниот ден претседателот Зеленски изјави дека Украина нема да преговара со Русија додека не добие безбедносни гаранции. Зеленски напомена и дека во моментов има четири земји кои од различни причини не сакаат да ја видат Украина во НАТО – САД, Германија, Унгарија и Словачка.
Текстот Украински претставник во ОН: Украина сака мир, но не по секоја цена е превземен од МАКФАКС.