(ВИДЕО) Наместо доказ дека се тајни, Одбрана и АРСМ со ново оправдување зошто не даваат документи за унапредувањето на Лафчиски

До минатата недела, од Министерството за одбрана и Армијата тврдеа дека записниците од кадровските совети во кои се препорачува предвремено унапредување на Сашко Лафчиски од бригаден генерал во генерал-мајор се класифицирани документи. Ваквите препораки се пропишани како еден од четирите услови потребни за порано унапредување на офицер во АРСМ. А без унапредувањето во генерал-мајор, Сашко Лафчиски не можеше да стане Началник на Генераштабот, барем не во мометов

Сега, од министерството и од АРСМ тврдат дека не можат да ги дадат документите затоа што тие се дел од постапката која ја води Државната комисија за спречување на корупцијата, токму за унапредувањето на Лафчиски. Промената во наративот дојде по барањето на Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер – Одбрана и АРСМ да им докажат дека бараните документи навистина се класифицирани

Сашко Лафчиски е името на офицерот кој од 18 август 2024 година е началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Станува збор за човек кој 25 години е во војската, кој има образование и работно искуство и во земјава и во странство и кој ги минал сите скалила служејќи пред се во специјалните единици.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и претседателката на РСМ, Гордана Силјановска-Давкова

Последното скалило во кариерата на Лафчиски, унапредувањето од бригаден генерал во генерал-мајор, е единствената причина поради која тој и натаму е предмет на наш, но и интерес на Антикорупциската комисија.

За да дојдеме до главното прашање, потребна е уште малку историја.

Указите за унапредување во генерал-мајор и поставување за НГШ на Сашо Лафчиски

Услови за унапредување

Сашко Лафчиски стана бригаден генерал на 18 август 2022 година, со указ на претседателот Стево Пендаровски.

Точно две години подоцна, но со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, тој е унапреден во чин генерал-мајор, а потоа е поставен и за началник на Генералштабот на Армијата.

Законот за служба во Армијата, во членот 61, став 1 предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин по одреден број години служба во чинот кој го има. За унапредување во генерал-мајор, Лафчиски требало да биде бригаден генерал три години, односно тоа можело да се случи најрано на 18 август 2025 година.

Член 61, ставови 1, 2 и 3 од Законот за служба во Армијата на РСМ

Но, има исклучок. Може да се унапреди и една година порано, како што и се случи со Лафчиски, ако меѓу другото – е предлог на два кадровски совета на ниво бригада или повисоко, односно е предлог на кадровски совет на ниво на Генералштабот за офицер кој е поставен на должност во Генералштабот.

Речиси половина година ги бараме записниците од кадровските совети без кои Лафчиски лани не можел да стане прво генерал-мајор, а потоа и началник на ГШ. До пред неколку дена војската преку Министерството за одбрана не убедуваше дека записниците се класифицирана информација. Сега? Сега ја напуштија таа позиција и тврдат дека не можат да ги дадат бидејќи ако ни ги дадат – може да влијаат врз постапката што ја води Антикорупциска.

Факсимил од одговорот на Барањето за пристап до Претседателот на РСМ

Класифицирани податоци

Кога ја почнавме нашата прва постапка за записниците, согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, од кај претседателката Сиљановска-Давкова првично одговорија само дека:

„Во наведениот случај е постапено согласно Законот за одбрана… и согласно Законот за служба во Армијата.“

И од Министерството за одбрана, преку кое се испраќаат барањата за пристап до АРСМ, ни го уважија барањето. Но, и оттаму наместо документи добивме став:

„Во наведениот случај е постапено согласно Законот за одбрана и Законот за служба во Армијата.“

Се жалевме пред Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. По жалбата, од кабинетот на претседателот се изјаснија дека не се иматели на бараната информацијата.

Решение на АСПИ во кое е содржан одговорот на Министерството за одбрана дека бараните информации се класифицирани

А кога од Агенцијата се обратиле за одговор на жалба, од Министерството за одбрана им вратиле дека „составот на кадровскиот совет и записниците се од класифициран карактер“.

Поради повеќе причини, Агенцијата заклучи дека имателот на информацијата не постапил соодветно и го врати предметот на повторно одлучување. Нов одговор никогаш не добивме.

Во исто време додека АРСМ ни тврдеше дека бараните документи се класифицирани, претседателката на ДКСК ни даде официјален став дека меѓу документите кои тие ги добиле за предметот за унапредувањето на Лафчиски, нема ниту еден кој има степен на класификација.

Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК

„Од онаа документација во која јас имам увид, можам да констатирам дека досега нема документи кои имаат степен на класификација што значи дека нема да бидеме попречени во носење на одлука и без поседување на безбедносните сертификати“,изјави претседателката на ДКСК Татјана Димитровска на 19 декември 2024.

Уште пред оваа изјава на Димитровска почнавме нова, втора постапка согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Смена на наративот

На истото барање за фотокопии од записниците на кадровските совети сега добивме директно – СЕ ОДБИВА. Еве го образложението:

Дел од Решението на Министерството за одбрана по повтореното Бараање за пристап на „360 степени“

„Со оглед на фактот дека горенаведените прашања се директно поврзани со Актот на формацијата на Армијата која е класифицирана со степен на класификација ’СТРОГО ДОВЕРЛИВО’, записниците на Кадровскиот совет во ГШ на Армијата, исто така содржат класифицирани информации и се класифицирани со степен на класификација ’ДОВЕРЛИВО’.“,пишува во Решението на Министерството за одбрана.

Пак се жалевме. Меѓу другото дека Армијата не сака да испрати ниту факсимил од документите со кои ќе докаже дека се класифицирани.

И повторно Агенцијата за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер одлучи во наша корист и го врати предметот на повторно постапување. Меѓу другото, затоа што законот по исклучок дозволува да се обелоденат и класифицирани информации, ако по спроведен тест за штетност преовлада јавниот интерес.

Дел од решението на Агенцијата за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер.

Дополнително, и тие побараа Армијата да им докаже дека бараните документи се класифицирани. 

„Доколку бараните информации претставуваат класифицирана информација, при повторното постапување Имателот на информацијата е должен до Агенцијата да достави доказ од кој би било видно дека бараните информации претставуваат исклучок од Законот, односно дека се означени како строго доверливи…“,се вели во решението на Агенцијата за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер.

И, минатата недела добивме ново решение, како што побара Агенцијата. Од Министерството за одбрана повторно не одбија за записниците, но овојпат со поинакво образложение.

Решение на Министерството за одбрана уважена жалба на „360 степени“ од АСПИ

Соочени со барањето на второстепениот орган да докажат дека записниците се класифицирани, причината за новото одбивање е членот 6, точка 4, став 1 од Законот за пристап до информации од јавен карактер. Тој пропишува дека имателот може да одбие барање за пристап до информација ако таа информација е „стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапкa“.

„Пристапот до бараната информација од јавен карактер може да предизвика штетни последици за текот на постапката којашто се води пред Државната комисија за спречување на корупцијата. По конечноста на горенаведената постапка, доколку се уште постои јавен интерес, ја искажуваме нашата целосна подготвеност за соработка и Ви стоиме на располагање за отстапување на сите потребни информации и документи“,пишува во Решението на Министерството за одбрана.

Чие право е поправо

Па, „360 степени“ побара мислење од Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер за неколку прашања поврзани со предметот.

Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер

Директорката Пламенка Бојчева се согласи лично да ни даде одговор. Децидна беше во одговорот на прашањето – дали кога било во изминатите месеци добиле доказ дека информациите што ги бараме се класифицирани.

„Не. Тоа е токму причината поради која ние го вративме предметот на повторно постапување кај Министерството за одбрана бидејќи тие фактички во ниту еден момент не го докажаа степенот на класификација. Значи, кога некој се повикува на исклучок поради класифицирани информации треба само да го докаже моментот дека таа информација е класифицирана согласно законот“,изјави Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

А кога имател на информација ќе се повика на исклучок, треба да спроведе тест на штетност со кој ќе докаже дека објавувањето на информацијата ќе предизвика поголема штета отколку корист. Според Бојчева, и со смената на наративот дека бараната информација е дел од друга постапка, недостасува соодветен тест на штетност.

Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер

„Во конкретниот случај имаме подготвено тест на штетност којшто е доста паушален. Се наведува дека е спроведен тестот на штетност и дека е поведена постапка пред Државната комисија за спречување на корупцијата, меѓутоа не се наведува кои се штетните последици коишто ќе настанат со објавувањето на таа информација“,изјави Бојчева.

Одговарајќи на нашите прашања Бојчева направи и мала дигресија. Таа изрази изненаденост од нашата преписка со Армијата преку Министерството за одбрана, бидејќи според повеќе извештаи овој владин ресор е на врвот на листите за реактивна и проактивна транспарентност.

На преостанатото клучно прашање – кој ќе биде одговорен ако промената во образложението значи дека документите никогаш не биле класифицирани, Бојчева одговори дека со сегашниот закон одговара само службеникот.

„Од досегашните стотици поднесени прекршочни постапки се добива впечаток дека службените лица не се тие коишто го ограничуваат или оневозможуваат пристапот до бараните информации. Значи, најчесто тоа се раководните лица, одговорните лица во институциите, а Агенцијата нема надлежност за поведување на постапка против тие лица кај имателите на информации. Значи, одговорноста паѓа исклучиво кај службеното лице за пристап до информации“,вели Бојчева.

Иако, според Бојчева, во последниве години нема друг случај во кој имател на информација наеднаш ги сменил аргументите за да не дозволи пристап, од Агенцијата велат дека бараат да се воведе одговорност и за раководните лица за такви и слични случаи. Во моментов се работи на измени на Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Седиштето на Генералштабот на Армијата на РСМ

Секако, по последниот одговор се обративме и до Армијата.

Меѓу другото прашавме – како документите за кои до вчера се тврдеше дека се класифицирани, сега Армијата е спремна да ги стави на увид, но по одлуката на ДКСК? Нема ли да биде проблем што немаме безбедносни сертификати?

„Видно од содржината на горенаведеното решение, ’увид во документите’ како термин не е употребен, туку се наведува дека ’Ви стоиме на располагање за отстапување на сите потребни информации и документи’. Употребениот термин ’отстапување’ има пошироко значење и во себе содржи повеќе форми и начини како ќе биде обезбеден пристапот до информацијата која се побарува. Додека терминот ’увид’ означува само една од можните форми за пристап до бараната информација. Конкретниот начин за пристап до информациите ќе биде утврден земајќи ги во предвид сите услови кои важат во моментот на преземањето на дејствието“,ни одговорија од Армијата.

„360 степени“ ќе го искористи правото на жалба во потрага по официјална потврда – дали постапката пред ДКСК е доволна причина да не се дадат записниците, дали биле класифицирани документи кои, според законот, се неопходни за предвременото унапредување на Сашко Лафчиски во генерал-мајор. Но, и дали воопшто постојат.
The post (ВИДЕО) Наместо доказ дека се тајни, Одбрана и АРСМ со ново оправдување зошто не даваат документи за унапредувањето на Лафчиски appeared first on 360 степени.