Истражителите пронашле птичји пердуви и крв во двата мотори на авионот Jeju Air што се урна во Јужна Кореја на 29 декември, изјави за Ројтерс лице запознаено со истрагата.
Боингот 737-800, кој полета од главниот град на Тајланд Бангкок за округот Муан во југозападна Јужна Кореја, се излизга од пистата на регионалниот аеродром, при што се запали откако удри во бетонска конструкција.
Вкупно 179 луѓе загинаа во најтешката воздушна несреќа на јужнокорејска територија. Преживеале само двајца членови на екипажот во опашката на авионот.
Пилотите ѝ кажале на контролата на летање дека авионот претрпел удар од птица и прогласиле тревога четири минути пред да се урне.
Две минути пред да биде објавен повикот за помош, контролата на летање повика на претпазливост поради „активноста на птиците“ во областа.
Инспекторите на почетокот на овој месец соопштија дека во еден од моторите на местото на несреќата биле пронајдени пердуви, додавајќи дека на видео снимката се гледа како птица удира во моторот.
Министерството за транспорт на Јужна Кореја одби да коментира дали во двата мотори се пронајдени пердуви и крв.
Текстот Пронајдени пердуви и крв во моторите на авионот во кој загинаа 179 луѓе е превземен од МАКФАКС.