Зеленски до Фицо: Пукаа во тебе зошто не прости?

„Словачката влада игра многу опасна игра критикувајќи ја воената поддршка на Западот за Украина и приближувајќи се кон Русија“, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за полски медиуми.
„Словачките лидери играат многу опасна игра. Тие ќе продолжат да го прават тоа додека војната не стигне до нивните домови“, рече Зеленски.
Неговите изјави доаѓаат во време на растечки спор меѓу Украина и Словачка, откако словачкиот премиер Роберт Фицо му се закани на Киев со последици за неговата одлука да го запре транзитот на руски гас во ЕУ.
Фицо, кој ја посети Москва во декември за да разговара за прашањата за снабдување со гас со рускиот претседател Владимир Путин, исто така постојано ја критикуваше воената помош за Украина и санкциите кон Русија.
Во интервју за полски новинари, Зеленски се присети на разговорот со словачкиот премиер за време на состанокот на европските лидери.
„Му реков: Пукаа во тебе. Зошто не прости? Зошто го уапси тоа лице што те повреди?“, рече Зеленски, правејќи паралела помеѓу руската инвазија на Украина и обидот за атентат врз словачкиот премиер.
Фицо беше тешко повреден откако беше застрелан во словачкиот град Хандлови на 15 мај 2024 година, по состанок на владата. Словачките власти соопштија дека нападот бил политички мотивиран. Осомничениот, 71-годишниот писател Јурај Цинтула, е притворен и го чека судењето.
„Го потсетив на тоа и му кажав дека сите ние, без разлика на вашите позиции, го осудуваме таквиот потег затоа што е застрелан жив човек“, рече Зеленски.
„А тоа е Путин. Тој е истиот. Пука во живи луѓе, иако со туѓи раце“, заклучи Зеленски.
Текстот Зеленски до Фицо: Пукаа во тебе зошто не прости? е превземен од МАКФАКС.