„Преговарачкиот тим го информираше премиерот Бенјамин Нетанјаху дека се постигнати договори за ослободување на заложниците. Премиерот нареди политичкиот и безбедносниот кабинет да се состанат во петок. Владата потоа ќе се состане за да го одобри договорот“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот
Билборд на кој се прикажани слики од израелски заложници кои ги држи Хамас во Газа на кои пишува „Не застанувај додека сите не се вратат“ / ФОТО: EPA-EFE/ABIR SULTAN
Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху потврди дека преговарачките тимови на Израел и Хамас во Доха потпишале договор за прекин на огнот и ослободување заложници.
Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху, што го пренесува „Тајмс оф Израел“, се вели дека премиерот свикал состанок на кабинетот за безбедност за денеска со цел да се одржи гласање за договорот.
Портпаролот на Нетанјаху вели дека целосниот состанок на владата не е планиран да се одржи до сабота навечер, објаснувајќи дека на противниците на договорот мора да им се дадат 24 часа да поднесат барање до Високиот суд на правдата и дека состанокот во петок попладне нема да им обезбеди доволно време да го направат тоа бидејќи многу од нив се религиозни и ја почитуваат саботата, се додава во написот на „Тајмс оф Израел“.
„Преговарачкиот тим го информираше премиерот Бенјамин Нетанјаху дека се постигнати договори за ослободување на заложниците. Премиерот нареди политичкиот и безбедносниот кабинет да се состанат во петок. Владата потоа ќе се состане за да го одобри договорот“, се вели во соопштението на неговиот кабинет.
Prime Minister Benjamin Netanyahu has been updated by the negotiating team that agreements have been reached on a deal for the release of the hostages.— Prime Minister of Israel (@IsraeliPM) January 17, 2025
Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху објавено на Икс се додава дека се известени семејствата на заложниците и оти премиерот му наложил на координаторот за заложници и исчезнати да ги координира подготовките за прием на заложниците по нивното враќање во Израел.
Иако одобрувањето на договорот од страна на безбедносниот кабинет и владата се смета за сигурно, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел Итамар Бен-Гвир се закани дека ќе ја напушти коалициската влада на Нетанјаху доколку таа се согласи со тоа.
Според договорот, што беше објавен во средата од посредниците Катар и САД, во првата шестнеделна фаза од договорот ќе бидат разменети 33 заложници – вклучително жени, деца и стари лица – за палестински затвореници во израелските затвори.
Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот: Трамп го нарече епски, од кабинетот на Нетанјаху велат дека се доработуваат детали
Израелските трупи ќе се повлечат и на исток, подалеку од густо населените области на Газа.
Раселените Палестинци ќе можат да почнат да се враќаат во своите домови и на стотици камиони со хуманитарна помош ќе им биде дозволен влез на територијата секој ден.
Преговорите за втората фаза – во која треба да бидат ослободени преостанатите заложници, целосно повлекување на израелската војска и враќање на „одржливата смиреност“ – ќе започнат на 16-тиот ден.
Третата и последна фаза ќе вклучува враќање на сите преостанати тела на заложниците и реконструкција на Газа – нешто што може да потрае со години.
The post Нетанјаху: Постигнат е договор за ослободување на заложниците што ги држеше Хамас во Газа appeared first on 360 степени.