На денешен ден е роден македонскиот актер Мето Јовановски

На денешен ден (17 јануари 1946) роден е Мето Јовановски – македонски театарски, филмски и телевизиски актер.

Уште како средношколец, настапува на сцената на Народниот театар во Штип.

По завршувањето на средното образование, дипломира актерска игра на Вишиот институт за театарска уметност во Софија, во 1971 г., како последна генерација во класата на легендарниот бугарски театролог, професорот Бојан Дановски. Истата година се вработува во Драмскиот театар во Скопје и за кусо време станува еден од водечките драмски уметници во Македонија.

Што се однесува до македонската кинематографија, Мето Јовановски остварува исклучително значајни улоги, главни и споредни, во повеќе од сто македонски и балкански играни и ТВ филмови и серии, од кои најзначајни се улогите во: „Македонскиот дел од пеколот“, „Татко (Колнати сме, Ирина)“, „Најдолгиот пат“, „Нели ти реков“, „Пресуда“, „Итар Пејо“, „Време, води“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ‘49“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Македонска сага“, „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Прашина“, „Зона Замфирова“, „Големата вода“, „Тајната книга“, „Мисија Лондон“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Деца на сонцето“, „Златна петорка“, „Ослободување на Скопје“, „Ругање со Христос“, „Бистра вода“ и многу други.

Мето Јовановски почина на 77-годишна возраст, на 16 ноември 2023 година во Скопје.