Бербок ја критикуваше владата за неподготвеноста да обезбеди помош за Украина

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја критикуваше нејзината влада дека е неодлучна во врска со помошта за Украина, укажувајќи на длабоките поделби во привремената влада и растечкото несогласување меѓу главните политички партии пред претстојните избори, пишува бриселски „Политико“.
„Германија во моментов не се гледа како движечка сила во европската мировна политика и, искрено, тоа ме боли. Дури и сега, за време на изборната кампања, некои бараат брзо да освојат неколку гласови на парламентарните избори, наместо да преземат вистинска одговорност за обезбедување на мир и слобода во Европа“, изјави Бербок за „Политико“.
Таа ја изрази својата фрустрација во моментот кога германскиот канцелар Олаф Шолц од Социјалдемократската партија (СПД) започна дебата со барање новата помош за Украина да биде условена со олеснување на фискалните ограничувања во земјата, пренесува Танјуг.
Шолц во телевизиско интервју рече дека нема да се согласи со пакетот помош од три милијарди евра за Украина, поддржан од Бербок и други германски лидери, освен ако не биде финансиран со ново задолжување.
Министерката изјави дека е загрижена поради, како што смета, неодлучниот пристап на Германија во однос на помошта за Украина, нагласувајќи дека нејзината влада ја губи довербата на нејзините европски сојузници.
„Таа доверба не смее повторно да биде загрозена со двоумење, бидејќи може да предизвика загриженост кај другите земји дека Германија нема да застане на нивна страна“, рече Бербок.
остро ги критикуваше претходните германски влади, особено Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на поранешната канцеларка Ангела Меркел и СПД, која претходно владееше во коалиција со ЦДУ, поради изградбата на контроверзниот гасовод Северен тек 2 меѓу Русија и Германија.
Таа истакна дека изградбата на тој проект никогаш не била само економски, туку и политички мотивирана, а тоа станало уште поочигледно по неодамнешните случаи на „руска саботажа“ на подводни кабли во Балтичкото Море.
Пред германските избори на 23 февруари, партијата на Анален Бербок, Зелените, е на четвртото место со 14 отсто поддршка, далеку зад водечката конзервативна коалиција НА канцеларскиот кандидат Фридрих МерЦ.
Доколку победат конзервативците, не е јасно која партија или партии ќе бидат поканети да коалицираат. Сепак, Зелените и конзервативците се согласуваат за многу прашања од надворешната политика, вклучително и Украина и одбранбените инвестиции, посочува „Политико“.
Бербок нагласи дека Германија мора да инвестира повеќе во својата безбедност, велејќи дека е „клучно“ земјата постојано да инвестира повеќе од два отсто од БДП во одбраната.
Бербок најави и дека е подготвена да соработува со администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека Америка останува еден од најблиските партнери на Германија.
Текстот Бербок ја критикуваше владата за неподготвеноста да обезбеди помош за Украина е превземен од МАКФАКС.